Connect with us

Аморим по победата во дербито: Неверојатна вечер за Милан!

Тренерот на Милан, Рубен Аморим, не ја криеше радоста по првата победа во спектакуларното Дерби дела Мадонина. Португалскиот стратег, сепак, побрза да ја смири еуфоријата кај навивачите, нагласувајќи дека триумфот над градскиот ривал Интер е прекрасен момент, но дека тимот го очекуваат и тешки периоди.

Аморим беше под сериозен притисок по изненадувачкиот домашен пораз од Болоња (2-4) во текот на неделата, но престижната победа во миланското дерби би требало да му донесе неопходен мир и дополнителна самодоверба во наредниот период.

„Задоволен сум од многу работи. Почнавме одлично. Знаевме дека противникот е опасен во воздушните дуели, но го променивме пристапот и сметам дека покажавме напредок во споредба со претходните натпревари. Во второто полувреме ја задржавме контролата врз топката и одлично се справивме со задачите, а Лука Модриќ имаше значаен придонес во тој сегмент. Не беше совршен натпревар, но беше неверојатна вечер за навивачите. За нас беше исклучително важно да победиме по разочарувањето во средата и да продолжиме понатаму“, изјави Аморим по дербито.

Тренерот на Интер, Кристијан Киву, се обиде да го изненади противникот со тактичка промена и формација 3-4-2-1, во која Петар Сучиќ и Анди Диуф дејствуваа зад единствениот напаѓач Маркус Турам. Од друга страна, Аморим во претходното коло не можеше да смета на Марио Хила, Диего Мореира и Адриен Рабио, но сите тројца се вратија во составот и имаа значајна улога во дербито.

„Натпреварот и пристапот беа сосема поинакви. Почувствував дека фудбалерите беа лути поради претходниот резултат. Мораме да бидеме искрени – присуството на Хила, Мореира и Рабио имаше огромно влијание, не само поради нивните индивидуални квалитети, туку и поради нивната улога во начинот на кој функционираме како тим. И покрај радоста, сè уште размислувам за натпреварот со Болоња и за тоа што можевме да направиме подобро. Ова е прекрасна вечер за навивачите, но мора веднаш да се концентрираме на следниот предизвик“, додаде Аморим.

Стратегот на „росонерите“ ги сподели и впечатоците од „Сан Сиро“, каде што за првпат го почувствува атмосферата на миланското дерби.

„Атмосферата е неверојатна, страста е единствена и целосно поинаква од сè што сум доживеал на другите дерби-натпревари. Исклучително сум среќен за момците, а навивачите сигурно ќе имаат уште поголема доверба во нашиот проект. Пред нас се уште многу прекрасни вечери како оваа, но ќе има и тешки моменти, како оној против Болоња. Тоа е дел од процесот. Убаво е да се победува на вакви натпревари, но мора да покажеме дека за изградба на тимот е потребно време. Невозможно е сè да се промени преку ноќ. Гордеам со моите фудбалери, но мислите веќе ми се насочени кон следниот натпревар“, истакна португалскиот тренер.

Сопственикот на клубот, Џери Кардинале, кој го следеше дербито од трибините, не ги крие амбициите за освојување на Скудетото, правејќи паралела со својот омилен филм „Топ ган“.

„Ќе бидеме многу силен тим, но за тоа е потребно трпение. Како што кажа господинот Кардинале, крајната цел секогаш е шампионската титула. Сепак, реално гледано, освојувањето на Скудетото уште во првата сезона ќе биде исклучително тешко. Ќе се бориме на секој натпревар, а нашата цел во тренинг-центарот Миланело е да го вратиме Милан на врвот. „Топ ган“ е одличен филм, но во првиот дел верниот придружник на главниот лик загинува, па затоа претпочитам да се фокусирам на вториот филм…“, заврши со насмевка Аморим.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови