Connect with us

Аморим и Киву согласни: Миланското дерби е посебна битка

Милан и Интер ќе се сретнат во големото градско дерби од 10. коло во Серија А, а двата тима го дочекуваат дуелот во различно расположение.

Интер не воодушевува со своите настапи оваа сезона, но актуелниот шампион и покрај тоа успева да бележи тешки победи во домашното првенство. „Нерoаѕурите“ во ова коло влегуваат како лидери на табелата со 25 бода, колку што има и второпласираниот Лацио.

Милан, пак, пред три дена го претрпе првиот пораз во првенството оваа сезона, губејќи со 2-4 од Болоња. „Росонерите“ го дочекуваат градскиот ривал на петтата позиција со 18 бода, па јасно е дека не смеат да си дозволат нов кикс доколку сакаат да останат во трката за шампионската титула.

Тренерите на миланските гиганти, Кристијан Киву и Рубен Аморим, одржаа прес-конференции пред големото дерби, а двајцата беа согласни околу едно – во ваков натпревар нема фаворит.

„Нема фаворит. Притисокот е врз сите, знаеме што значи да се победи или да се загуби дерби, но не треба да си наметнуваме дополнителен товар кој ни ја одзема енергијата. Тоа го почувствувавме против Шахтјор. Успеавме да победиме, но тој натпревар многу нè чинеше“, изјави тренерот на Интер, Кристијан Киву.

„Овој тим достигна одредено ниво на зрелост, а премногу размислување и калкулирање може да влијае врз нас. Свесни сме дека дербито е натпревар во кој мора да покажеме нешто повеќе. Таквите дуели ве тераат да дадете максимум и тоа да го направите на вистински начин“, додаде Романецот.

Аморим, пак, зборуваше за значењето на натпреварот, квалитетите на градскиот ривал, но и за здравствената состојба во својот тим и напредокот што го очекува од фудбалерите.

„Ова е посебен натпревар, уникатно ривалство меѓу два големи клуба од ист град кои го делат истиот стадион. Знаеме колку е важен овој дуел и имаме одговорност да победиме. Кога играте вакви натпревари, околностите и заморот не се важни. Морате да излезете на теренот и да го дадете најдоброто од себе, а токму тоа ќе го направиме.

Интер е тим кој може да игра и со затворени очи. Дури и кога менува фудбалери, секогаш знае што треба да прави. Има извонредна способност да ги препознава различните фази од натпреварот, благодарение на искуството и бројните успеси. Поседува многу квалитети, но ние сме тука да се бориме и ќе бидеме подготвени“, изјави Аморим.

Португалскиот стратег беше запрашан и дали неговиот тим може да направи дополнителен исчекор во играта.

„Мораме да ја развиеме зрелоста што е потребна за да ги контролираме натпреварите и да управуваме со различните фази од играта. Против Болоња ја загубивме присебноста и ја променивме поставеноста на теренот откако противникот поведе со 3-2, иако имавме доволно време да се вратиме во натпреварот.

Тоа се детали што мораме да ги поправиме, како и способноста да го одржиме континуитетот во текот на сите 90 минути. Понекогаш добро започнуваме, па следува пад во играта, а некогаш постепено го креваме нивото како што одминува натпреварот.

Густиот распоред и повредите ни ја отежнуваат работата на тие сегменти. За да изградите подобар тим потребно е време, но ние сакаме да победуваме на секој натпревар. Знаеме дека мораме да напредуваме од ден на ден и, и покрај тешкотиите, можам да гарантирам дека ќе станеме голем тим“, заклучи Аморим.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови