Фудбалската репрезентација на Македонија со два порази го стартуваше новото издание во Лигата на нации. Швајцарците не ни дадоа да „дишеме“ во Скопје и бескрупулозно нѐ победија (0-3) без да трепнат, а загубивме и од Словенија (2-0), иако изданието на нашиот национален тим беше многу подобро, посебно во првото полувреме. Веројатно и квалитетот на Словенците е причината, тие се ривал со кој Македонија може да се носи. Се случија две грешки во вториот дел, дојде и втор пораз, но далеку од тоа дека нема и позитивни моменти на стартот на овој нов циклус.
МАТЕЈ ГАШТАРОВ. Го гледав момчето првпат во живо на пријателскиот натпревар Косово – Македонија (У21) во Приштина, тогаш сѐ уште играше како крилен напаѓач и беше јасно дека се работи за голем талент.
Но, на секој голем талент му е потребен и тренер кој ќе ја „прочита“ неговата класа и ќе ја предвиди неговата „топ иднина“. Алберт Риера го направи тоа во Црвена Звезда, му даде шанса да заигра во дресот на српскиот првак и поранешен европски шампион, а мора да се признае дека одлично реагираше и селекторот Гоце Седлоски.
Го повика во А-репрезентацијата на Македонија, а Матеј Гаштаров што јас го знаев како суперталент, полека се трансформира во наш голем адут за иднината. Некои велат нов Немања Матиќ, јас би рекол – има нешто свое, да биде дури и подобар од него. Неверојатна фигура, долги нозе, фудбалски стас (сигурно ќе додаде уште малку мускули за брзо време), фантастичен преглед на игра и тоа што го имаат големите фудбалери, мирен на топка и самоуверен во секој момент, како да не се работи за 19-годишно момче. Има три решенија при секое додавање, и речиси секогаш умее да го одигра најдоброто. Има и „мадиња“, па вели….оставете го вие моето деби….тоа е добриот дел, ама ние сепак загубивме од Швајцарија. Ако продолжи вака, ќе го биде….А верувам дека со него како предводник во иднина ќе ја биде и Македонија.
Имаме и уште неколку големи таленти…Ќе набројам дел од нив, можеби некого и ќе пропуштам, а веројатно и не треба да пишуваме имиња за да не се вообразат. Лука Станковски, Данев, ги знам од деца во Работнички, браќата Џекови, Мељиќи, Љатифи, Трпевски, Хоџа, Величковски…овој малиот лев бек од Вардар, Филип Цветковски. Не сме имале таков уште од времето на Митко Стојковски.
Се сеќавам јас малку повеќе, и кога Пандев дебитираше….Може сте заборавиле, исто не бевме сјајни. Ако почнам малку подлабоко, не бевме ништо подобри резултатски како тим…иако тогаш имаше играчи кои играа и во Германија, Англија, Русија, Белгија…
Секоја победа е повредна од било кој пораз, нормално…ама важно е и кого ќе победиш, а некогаш поразот е неминовен ако играш против поквалитетен од тебе. Сега ќе речете, тргна овој да го брани Седлоски.
Да се разбереме, ниеден пораз не може да се одбрани. Ама мислам дека треба да се прифати….Посебно сега, кога Македонија е дел од Лига Б, а тоа значи и ривали против какви не играла досега во Лигата на нации. Во „вистинските“ квалификации никогаш не сме се прославиле, иако сме имале одредени блесоци…И се разбира, секогаш ќе ги паметиме победите над Италија и Германија, но за да ги повториме, ќе треба да се роди некој нов Горан Пандев, односно да го создадеме и навреме да го регрутираме. Секако и нов Елмас….Но, битно е Пандев и Елмас да играат заедно во тимот.
Можеби Матеј Гаштаров е токму тој наш адут за иднината, се надевам дека ќе заигра и во клуб од Топ 5 лигите. Ама ќе треба и уште некој да се појави. И тоа да игра во елитен европски клуб. Во елитните лиги…против Арсенал, Барселона, Манчестер сити, Реал Мадрид, Интер, Баерн Минхен…
Затоа што само таму се игра врвниот европски фудбал, а тоа искуство и квалитет би го добиле и во репрезентацијата на Македонија.
Сите си се наши, мора да ги почитуваме и да ги поддржуваме, но мора и да прифатиме дека без да имаме костур во тимот од фудбалери кои играат во Англија, Шпанија, Италија, Германија….да имаме најмалку неколкумина кои ќе играат секоја година во Лигата на шампионите, не можеме да очекуваме дека ќе ги победуваме Данска, Швајцарија, Турција…
Да не претеруваме, иако секогаш ќе сакаме, ќе бараме и ќе навиваме да се повторат моменти како победите над Италија, Германија, нерешените резултати со Англија, Холандија…
Кога има порази, виновни се тренерите. Во овој случај селекторите. Секогаш ги критикуваме кога се на функција и секогаш „жалиме што сме ги смениле“ кога ќе заминат. Сега на удар е Гоце Седлоски. Нема победа, нема ни постигнат гол. Но, ако го смениме, дали следниот ќе повика фудбалери кои играат во Лига на шампиони, Англија, Шпанија, Германија, Италија…? Не, затоа што, за жал, немаме фудбалери од таков калибар.
И во ред е…Немаат и некои други и не се во самиот врв на европскиот и светски фудбал. Ако ние не сме свесни за тоа или сакаме некогаш да си живееме во илузија, ни го кажа јавно Боштјан Цесар, селекторот на Словенија. Нѐ победи…и кажа…Без еуфорија, ја победивме – само Македонија.
Ќе му го паметиме ова, треба да нѐ мотивира добро, па во некоја следна можност да му покажеме дека сме напреднале. Засега, да го оставиме Гоце Седлоски да работи и малку да реновира…
-
МАКФУДБАЛ ТИМ НА КОЛОТО ВО ПРВАТА ЛИГА
Шкендија Тетово не успеа да слави на дуелот со Шкендија Арачиново (1-1), а тоа...
Автор makfudbal
-
МАКФУДБАЛ ИГРАЧ на колото: Горан Закариќ (Вардар)
Најдобрите знаат да блеснат кога е најтешко и да го поведат тимот напред. Не...
Автор makfudbal













