Connect with us

Ајакс се засили со Јулијан Брант

Ајакс официјално го претстави германскиот репрезентативец Јулијан Брант како свое ново засилување. Триесетгодишниот офанзивен играч за врска пристигнува во Амстердам како слободен агент, откако му истече договорот со Борусија Дортмунд, а со холандскиот гигант потпиша тригодишен договор.

Трансферот доаѓа како големо изненадување, бидејќи вниманието на јавноста претходно беше насочено кон најавуваниот трансфер на голманот Марк-Андре тер Штеген од Барселона во Ајакс.

„Јулијан го избра Ајакс и навистина сме пресреќни поради тоа“, изјави техничкиот директор на клубот, Жорди Кројф.

„Разговаравме неколку месеци, а тој имаше можност да потпише и за други клубови. Со Јулијан добиваме фудбалер од меѓународна класа, со огромно искуство и фантастичен менталитет. Убеден сум дека ќе донесе дополнителен квалитет во нашиот тим“, додаде синот на легендарниот Јохан Кројф.

Брант има 48 настапи за германската репрезентација. Во Борусија Дортмунд пристигна во 2019 година од Баер Леверкузен, а за „милионерите“ одигра 307 натпревари во сите натпреварувања, постигнувајќи 57 голови и запишувајќи 65 асистенции. Минатата сезона настапи на 41 меч, со учинок од 11 голови и четири асистенции.

Германецот е петто летно засилување за Ајакс по Дејли Блинд, Кајо Енрике, Маркос Леонардо и Толу Арокодаре. На голот ќе застане и Марк-Андре тер Штеген.

Клубот од Амстердам има амбиција повторно да се врати во самиот врв на холандскиот фудбал по една од најразочарувачките сезони во поновата историја. Ајакс минатата сезона заврши на петтото место во Ередивизие и до пласман во квалификациите за Конференциската лига стигна преку плејофот. Во јуни за нов тренер беше назначен поранешниот стратег на Џирона, Мичел, а тимот веќе обезбеди место во третото квалификациско коло од Конференциската лига, откако убедливо ја елиминираше Војводина со вкупни 8-2.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови