Connect with us

Сити водеше со 1-5, и на крајот се „тресеше“ за триумф против Фулам (ВИДЕО)

Фудбалерите на Манчестер Сити победија на гостувањето кај Фулам со резултат 4-5, додека Евертон исто така како гостин го совлада Борнмут со 0-1.

Сити водеше со 1-5 на „Крејвен Котиџ“, но дури ни тоа не беше доволно за мирна завршница, бидејќи Фулам постигна уште три гола и се бореше за бод до самиот крај.

Пеп Гвардиола вечерва го изведе својот најсилен состав и Сити одигра речиси перфектен натпревар.

Во 17. минута, Доку центрираше од левата страна, а Халанд погоди во негов стил од десетина метри за 0-1.

Во 37. минута, Норвежанецот мајсторски со петица додаде до Рејндерс, кој излезе сам пред голманот и рутински погоди за 0-2.

Во 44. минута, Фоден постигна еврогол, ја собра одбиената топка по корнер и од околу 22 метри прецизно стрелаше за 0-3, по што беше јасно дека Фулам е во големи проблеми.

Во судиското продолжение, Смит-Роу по центаршутот на Вилсон со глава го совлада Донарума за 1-3, што беше резултат по првото полувреме.

Тукушто почна второто полувреме, во 48. минута, Сити изведе фантастична контра. Доку го проигра Халанд, а тој додаде до Фоден, кој повторно беше прецизен за 1-4.

Во 54. минута, и Доку се запиша меѓу стрелците, украде топка во пресинг, шутираше од работ на шеснаесетникот, а на патот кон голот Берге ја смени траекторијата и заврши во мрежата за 1-5.

Фулам не се предаде. Во 57. минута, Ивоби со ефектен удар од дистанца намали на 2-5.

И одеднаш имавме неизвесна завршница. Во 73. минута по центаршут од десната страна, Силва лошо реагираше, а Чуквуезе налета на топката и погоди во аголот за 3-5.

И тоа не беше крај – само пет минути подоцна Чуквуезе искористи уште една очајна реакција на одбраната на Сити и повторно по одбиена топка намали на 4-5.

Во последните секунди од натпреварот, Фулам имаше стопроцентна шанса – Кинг веќе го мина Донарума, но Гвардиол во последен момент расчисти од гол-линијата.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови